top of page

Хотелски систем за греење, ладење и производство на санитарна топла вода со топлински пумпи

Во големите комерцијални и угостителски објекти, особено во хотели со поголем капацитет на сместување на гости и различни содржини како ресторани, базени, спа центри..., неопходно е системот за греење и ладење да биде ефикасен и економичен. Идеално решение за реновирање на веќе постојна машинска сала, претставува поврзување на каскада од топлински пумпи воздух-вода, со COP фактор кој начесто ќе се движи од 3-4. Во спротивно, со било кој друг конвенционален систем за греење, во услови на поскапени енергенси, системот за греење може да претставува значителен трошок во стопанисувањето со објектот.


Во веќе постоен хотелски објект, со поголем капацитет и веќе инсталирани грејни системи со котли на нафта, како и грејни тела – радијатори во просториите, може да се адаптира системот со каскада на топлински пумпи воздух - вода. Капацитетот на топлинските пумпи може да се одбере така што ќе задоволува 70-80% од капацитеот за греење и производство на санитарна топла вода, додека во најладните месеци, повторно може да се користат постојните котли како надополнување на греен капацитет, доколку топлинските пумпи не задоволуваат. Бидејќи хотелскиот капацитет не е секогаш 100% пополнет, особено не во надворешни, најекстремни временски услови, изборот на топлински пумпи е сосема оправдан да не се одвива според максимално потребниот капацитет на објектот.


Дополнително со подобрување на изолацијата на објектот, капацитетот на топлинските пумпи се доближува и до максимално потребниот капацитет, кој би се редуцирал уште повеќе со подобрена изолација. Во споредба со конвенционалните системи, топлинските пумпи како опција го имаат и ладењето, кое може да се примени со површинските системи на греење/ладење, како и преку фенкојлерите во реновираните простории.


Во хотели, особено лоцирани во планински масиви каде што и во зимскиот период имаме доста сончеви денови без магла, препорачливо е грејниот систем да биде поврзан и на соларен систем. Енергијата на соларниот систем директно ќе придонесува за загревање на баферите за санитарна топла вода, при што се растеретуваат топлинските пумпи и може да се пренасочат во греење или ладење на објектот. Конвенционалните бојлери се заменети со бафери, со т.н. проточни станици за СТВ (санитарна топла вода), кои ја загреваат водата во самиот момент на потрошувачка од страна на корисникот, а енергијата ја одземаат од топлинските акумулатори/бафери. Освен, зголемената ефикасност, огромна предност на овие проточни системи е безбедноста на водата која се загрева во самиот момент и не постои ниту најмала можност за појава на било каква бактерија како Легионела и слично.


Благодарение на напредната контролна автоматика, вградена во топлинските пумпи, Смарт Грид системот овозможува директна комуникација со инвертерот на фотоволтаичен систем, за производство на електрична енергија. Бидејќи грејниот систем претставува еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија, пожелно е директно да комуницира со инвертерот и директно да ја троши соларно произведената електрична енергија. На овој начин добиваме уште поефикасен и поекономичен систем. Дури и да имаме вишок на енергија, истата може да се продава во мрежа на електро-енергетскиот систем или пак да се акумулира во баферите за греење на повисока температура. Доколку и баферите се преполнети со енергија, може и самиот објект да користи како акумулатор на енергија, со загревање на просториите на повисока температура.

Сето ова претходно опишано, се контролира со напредниот Навигатор - контролен систем, вграден во топлинските пумпи. Еден од контролерите на топлинските пумпи поврзани во каскада се подесува да биде главен контролер, кој ги контролира и својата, предодредена топлинска пумпа и преостанатите. Според потребите за греење и работните часови, контролерот интелигентно ги управува компресорите така да сите подеднакво да бидат вклучени во функционирањето на системот. Благодарение на функционалното поврзување на системот и трокраките вентили, топлинските пумпи се комбинираат и во поделба на функции како греење/ладење ( на пр. 2 од 4 ТП) или производство на СТВ (1 или 2 од вкупно 4 ТП) во исто време.


Со комбинација на сите овие системи, добиваме едно современо, ефикасно и економично решение на систем за греење, ладење и производство на санитарна топла вода. Благодарение на напредната контролна автоматика, системите се надополнуваат и се комбинираат, се со цел да се користат алтернативните извори на енергија колку што е можно повеќе, а со тоа да се намалат трошоците за енергенси во објектот, а притоа и да се придонесе за зачувување на еколошка животна средина, без загадување од конвенционални системи со фосилни горива.

bottom of page