top of page

Систем за пасивно ладење на објекти со енергија на бунарска вода

Како до енергетски ефикасно, здраво и штедливо ладење на домот или објектот?

Во системите за греење и ладење со топлинска пумпа вода вода, често се применува и систем со пасивно ладење, директно користејќи ја енергијата на бунарската вода. Топлинската пумпа може да биде во изведба и со активно ладење (вклучување на компресорот при побарување за ладење), но и не мора. Во случај кога топлинската пумпа има само опција за греење и производство на санитарна топла вода, во комбинација со површински системи за греење/ладење, пасивното ладење идеално се вклопува заради ладењето со повисоки температури на околу 18°С, споредбено со активното каде можеме да ладиме и со температури и до 10°С со примена на фенкојлери и сл.


Пасивното ладење се препорачува за семејни куќи, административни објекти и секаде каде што има површински системи. Најдобро е да се планира и да се постави во објект кој е во градба заради навремено поставување на потребната инсталација. Не се препорачува поставување на веќе постоечки објект затоа што се потребни поголеми интервенции за реновирање.



Пасивно ладење може да се направи и со геотермални сонди или површински колектори околу објектот, каде што во цевниот колектор циркулира антифриз и ја одзема енергијата од земјата. За разлика од претходното, во системот со бунарска вода неопходно е да се предвидат дополнителни примарни филтри, затоа што бунарската вода може да содржи песок или други непожелни честици кои механички може да ја оштетат опремата. Затоа и се предвидува сигурносен топлински изменувач кој ја заштитува и топлинската пумпа. Доколку се знае дека бунарската вода има агресивно хемиско влијание, треба да се предвидат изменувачи од соодветни отпорни материјали.


Кога го применуваме пасивното ладење, практично имаме потрошувачка на електрична енергија за бунарската потопна пумпа М15 и циркулационата пумпа за површинските системи за греење/ладење М31, со што топлинската пумпа е во мирување во режим на ладење или пак истовремено произведува санитарна топла вода. На овој начин се зголемува сезонскиот COP фактор на топлинската пумпа, бунарската вода го лади пасивниот изменувач, истовремено се загрева и поминува низ сигурносниот изменувач со повисока температура од бунарот и поволно влијае на производството на санитарна топла вода со вклучен компресор на топлинската пумпа. Сепак, препорачливо е бунарот да не е подлабок од 30m, заради зголемена потрошувачка на електрична енергија на бунарската потопна пумпа, а воедно и намалување на ефикасноста комплетно на целиот систем за греење, ладење и производство на санитарна топла вода.


Предности на пасивно ладење

Преку ефикасното работење и користењето на еколошката енергија, пасивното ладење нуди особено еколошки решение со ниски оперативни трошоци. Повратот на инвестицијата за целиот систем е релативно кус – за период од 4 до 5 години во зависност од надворешните временски услови, а влијанието врз климатските промени на деловниот објект или домаќинството значително се намалува.

Дополнително, квалитетот на внатрешниот воздух и температура во просторијата се попријатни во објекти кои имаат површински системи.

За детални информации и понуда побарајте нѐ contact@eneks.mk нудиме целосно решение од проектирање, опрема, изведба, монтажа, пуштање во употреба и сервис.



Comments


bottom of page